Затоа е „Гранде“: Неапол му се поклони на Пандев и го поздрави со моќен аплауз!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, доби наклон до под на натпреварот меѓу Наполи и Џенова и тоа од домашните навивачи, кои не заборавија што тој направи за нив.

>>> ВИДЕО: Пандев со супер-асистенција ја врати Џенова во живот во Неапол

Пандев пред крајот на првото полувреме асиситираше за погодок за Џенова кој го постигна Лазовиќ, а во 62. минута, тренерот на гостите реши да го повлече од игра. Додека го напушташе „Сан Паоло“, публиката стана на нозе и го поздрави Македонецот со овации и аплауз.

Ова не е прв пат противнички навивачи да го поздравуваат Пандев. Претходно, на „Џузепе Меаца“, навивачите на Интер го скандираа името на популарниот Гоче, како благодарност за настапите и „триплетата“ под Жозе Мурињо во 2010 година.

>>> ВИДЕО: Цел „Џузепе Меаца“ на нозе да го поздрави „Гранде Пандев“!

Пандев играше за Наполи од 2011 до 2014 година и за тимот забележа 92 натпревари, на кои даде вкупно 19 гола. Со наполитанците се радуваше на два трофеја во Копа Италија, во 2011/12 и 2013/14.