• Саше Љолес
Повеќе од заслужено, Симоне Инзаги е официјално избран за тренер на сезоната во италијанската Серија А. Стратегот успеа да изгради шампионски тим и го одведе Интер до јубилејното дваесетто скудето, а наградата ја додели жири-комисијата составена од претставници на релевантните спортски медиуми.
Секој тренер беше оценуван според техничките и спортските критериуми, квалитетот на играта на тимот, како и однесувањето за време на натпреварите. Инзаги на скоро доминантен начин дојде до шампионската титула и на едно коло до крајот има 19 бодови повеќе од второпласираниот Милан.
Ова е прв шампионски трофеј за Симоне Инзаги, кој во минатото беше тренер и на римски Лацио. Во Интер пристигна во 2021 година, а наскоро се очекува да го потпише и новиот побогат договор кој би го задржил кај „нероаѕурите“ до 2027 година.