Започнува новата ера во Реал Мадрид, Анчелоти состави список за „отстрел“

Управата на Реал Мадрид веќе се подготвува за новиот изглед на тимот што ќе настапува во следната сезона. Тренерот Карло Анчелоти најверојатно ќе остане кај „кралевите“, а медиумите објавуваат дека тој веќе направил список на фудбалери што ќе го напуштат тимот. 

Сезоната за заборав полека завршува за навивачите на „кралскиот“ клуб, кои се незадоволни од освојувањето на само еден трофеј, оној од Купот на Кралот. Реал испадна и од Лигата на шампионите и од битката за титулата во Примера, па летово сигурно тимот ќе доживее мал или поголем „ремонт“ во играчкиот состав. 

На врвот на листата од играчите во заминување е најскапиот фудбалер во историјата на Реал, Белгиецот Еден Азар кој заработува 500.000 евра неделно, а потоа следуваат Алваро Одриозола, Хесус Ваљехо, Мариано Диаз и Начо Фернандез. Сите овие играчи најверојатно се збогуваат со мадридскиот гигант и своите кариери ќе ги продолжат во друг клуб, а управата на Реал веќе активно работи на доведувањето на Џуд Белингeм од Борусија Дортмунд. „Кралевите“ постојано се интересираат и за Килијан Мбапе, но засега нема ништо конкретно околу евентуален трансфер. 

Сигурно е дека тимот ќе изгледа поинаку за следната кампања, а Реал ќе мора да го „обели образот“ и со квалитетни игри да ја компензира слабата сезона што изминува. Во пресрет на последните две кола во Примера, Реал Мадрид е второпласиран со еден бод повеќе од градскиот ривал Атлетико.