Започнува Конференциската лига на УЕФА, англиски тим одново прв фаворит за трофејот!

Денеска се отвора завесата и на најмладото натпреварување на УЕФА, Конференциската лига. За разлика од Лигата на шампионите и Лигата на Европа, тука се играат само шест лигашки кола, што значи дека секоја грешка може да биде скапа.

Најинтересниот дуел од првото коло е секако натпреварот помеѓу Динамо Киев и Кристал Палас, каде што се среќаваат два тима со сосема различни искуства и амбиции во европските натпреварувања.

Кристал Палас не игра често на европската сцена, но токму тоа ја прави оваа Конференциска лига посебна авантура за нив. Иако немаат многу искуство, квалитетот на тимот е секако на нивна страна. Инаку, Кристал Палас е во одлична форма, што го потврдуваат резултатите против Ливерпул - го освоија англискиот Суперкуп во август, а неодамна им го нанесоа првиот пораз на англискиот шампион во регуларната сезона. Серијата без пораз од дури 18 натпревари, вклучувајќи ја и минатата сезона, многу зборува за формата на гореспоменатиот тим.

Ниеден тим во првите пет европски лиги во моментов нема подолга серија без пораз од Палас, а со оглед на формата и играчкиот кадар токму англискиот тим се смета за најголем фаворит за трофејот во ова натпреварување. 

Од друга страна, Динамо Киев има многу поголемо европско искуство, но е далеку од тимот што некогаш играше во елитното европско натпреварување. Фудбалерите на украинскиот тим беа елиминирани во квалификациите за Лигата на шампионите ова лето, а потоа и во Лигата на Европа. Динамо не се снаоѓа добро ниту во домашното првенство, во последните четири натпревари има дури три нерешени резултати, иако е без пораз во шест натпревари по ред.

„Бело-сините“ денес го пречекуваат Кристал Палас во Лубин, а во историјата на европските натпревари против англиски тимови имаат само пет победи во 30 натпревари (9 нерешени резултати, 16 порази). Сега се подготвуваат за својот прв дуел со англиски ривал по повеќе од шест години.

Лански освојувач е тимот на Челзи, а претходно со овој трофеј се закитија уште екипите на Олимпијакос, Вест Хем и Рома.