Започна судењето против Рубиалес, доби забрана да ѝ се доближи на Џени Хермосо

Шпанскиот кривичен суд ја започна постапката против веќе поранешниот претседател на Фудбалската федерација, Луис Рубиалес. Тој доби жестоки критики од јавноста, откако во уста ја бакна фудбалерката Џенифер Хермосо и после неколку недели, конечно поднесе оставка од својата функција. 

Судскиот процес допрва треба да ја докаже вината на Рубиалес, кој е обвинет за „сексистичко однесување“, а прва од мерките кои му беа изречени е забрана за доближување кон фудбалерката во радиус од 500 метри. Хермосо во неколку наврати изјавуваше дека не ѝ се допадна постапката на Рубиалес, а пред неколку дена откри и нови детали, велејќи дека претседателот ѝ понудил да стапи во брак со него. 

Целиот скандал се случи на прославата по освојувањето на светската титула на Мундијалот за жени. Шпанија за првпат во историјата се закити со најпрестижниот трофеј во женскиот фудбал, а Рубиалес ги бакнуваше и гушкаше скоро сите фудбалерки на националниот тим. Најпрво не сакаше ни да чуе за оставка, но притисокот од јавноста си го стори своето и сега сите ја очекуваат разврската од судењето. 

Доколку биде прогласен за виновен, Рубиалес може да добие доживотна забрана за извршување било каква спортска функција, голема парична казна, а најжестоката одлука против него би била шестмесечна затворска казна за „сексизам и сексуално злоставување“.