• Редакција Gol.mk
Утрово започна реконструкцијата на западната трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. На симболичниот чинјприсуствуваа претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) Сејдини и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
„Денес правиме значаен чекор за фудбалот во Охрид, но не само за Охрид, верувам дека и за целата земја. Благодарност до УЕФА, бидејќи со Хет-трик програмата на УЕФА, после изградбата на едната трибина ќе добиеме уште една нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“, која ќе има капацитет од околу 3.500 гледачи. Заедно со другата трибина капацитетот ќе биде околу 5.000 гледачи, и во иднина можеме да добиеме еден стадион каде што ќе можат да играат сите репрезентации, вклучувајќи ја и сениорската репрезентацијата. Имаме добра соработка со градоначалникот Пецаков, морам да му се заблагодарам за рекордното време за вадење на документацијата за да можеме да го отпочнеме денес овој проект кој што ќе биде од големо значење за фудбалот во Охрид и во земјава. Овој објект ќе чини околу 3,3 милиони евра“, изјави претседателот на федерацијата, Муамед Сејдини.
Стадионот ќе има модерно осветлување, а наскоро следи и нова трева со најнова технологија, нешто по принципот на стадионот во Скопје.
„Повеќе од горд сум, година-две разговаравме наназад за овој проект со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, обезбедена е потребната документација, а ние како град подготвени сме да ги завршиме преостанатите работи за да добиеме стадион каков што Охрид ама и Македонија заслужува“, истакна градоначалникот на Охрид, КирилПецаков.
Проектот за изградба на новата западна трибина беше предаден од страна на ФФМ до Општина Охрид во октомври годинава.