• Саше Љолес
Екипата на Арсенал слави триумф во англискиот „Комјунити шилд“, откако во пенал-рулетот беше подобра од актуелниот европски шампион, Манчестер Сити. Во регуларното време натпреварот заврши со резултат 1-1, а „топчиите“ успеаја да израмнат буквално во самиот финиш.
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме не понуди премногу возбудувања, иако може да се каже дека Арсенал беше прилично расположен и двапати се закани кон голот на голманот Ортега. „Граѓаните“ имаа еден солиден обид, но мрежите сепак останаа мирни и на полувремето резултатот беше 0-0.
Продолжението ни понуди малку повозбудлива игра. Сити заигра малку во посилен ритам и имаше повеќе од играта, но Арсенал добро се држеше во дефанзива и делуваше цврсто на средината од теренот. Сепак, во 76. минута момците на Пеп Гвардиола искористија една солидно одработена акција, а младиот Кол Палмер со прекрасен удар со левата нога го „матираше“ голманот Рамсдејл.
Арсенал „запна“ и се обидуваше со сите сили да стигне до израмнувачки погодок. Главниот судија Стујарт Атвел продолжи дури десет минути по истекот на регуларното време, а „топчиите“ на малку среќен начин успеаја да израмнат преку Тросард во 110. минута од натпреварот. Славјето на навивачите од Лондон беше огромно, а веднаш потоа беше означен крај на натпреварот и двата тима почнаа да се подготвуваат за пенал-серијата.
Кевин де Брујне беше првиот трагичар и ја затресе пречката уште во првата серија, a играчите на лондонскиот тим безмилосно ја тресеа мрежата на Сити. Родри промаши во четвртата серија, а потоа Фабио Виеира стрелаше прецизно и го завери големиот триумф на лондончани.
Навивачите на Арсенал беа пресреќни од триумфот, а нивните миленици со трофеј ја започнуваат новата сезона. Ова беше седумнаесетта и рекордна титула во „Комјунити шилд“ за „топчиите“ од Лондон, кои сега имаат еден трофеј повеќе од Ливерпул.