ВИДЕО: Запата го сруши катарскиот бедем, Колумбија прва се чекира за четвртфиналето

Селекцијата на Колумбија е првиот четвртфиналист на Копа Америка во Бразил, откако вечерва на „Морумби“ во Сао Паоло, потешко од предвиденото, го совлада Катар со 1-0 (0-0) и со шест бода загосподари на врвот на групата Б.

  • Извештај од натпреварот: 

Кеироз се одлучи да започне со Дуван Запата, а Фалкао остана на клупата за резерви. Уште од првата минута Јужноамериканците наметнаа иницијатива и целосно ја имаа топката во своите нозе.

По само десет минути Запата ја затресе катарската мрежа, но од недозволена позиција. Следеа удари од далечина на Бариос и Квадрадо и збркани мешаници пред голманот Ал Шиб.

И вториот дел започна со ситуација во која мораше ВАР-технологијата да ги разрешува дилемите. Главниот судија покажа на белата точка, но откако ја прегледа снимката утврди дека погреши, немаше игра со рака и играта продолжи со корнер.

На половина од вториот дел Кеироз го внесе Фалкао на местото на Квадрадо и со супер-офанзивен тим Колумбија тргна да го пробива катарскиот бедем. Кога се чинеше дека нема идеја и завршен удар, една нафрлана топка од Родригез од десната страна стигна до Дуван Запата, а напаѓачот на Аталанта во голем стил со глава ја закова топката зад грбот на Ал Шиб (1-0). 

Последниот натпревар против Парагвај ќе покаже од која позиција во групата Колумбија ќе се класифицира во четвртфиналето.