• Горан Упале

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, нагласи дека водечките земји од Западот се лицемерни и дека не гледа причина Светското првенство во 2034 година зошто да не се одржи во Саудиска Арабија.
Сепак, и покрај тоа што оваа земја остана единствениот кандидат за домаќин по повлекувањето на Австралија, Инфантино нагласува дека одлуката сè уште не е донесена.
„Да се поднесе кандидатура не значи да се добие организација, туку тоа е само првиот чекор што мора да се исполни. После тоа доаѓа изградба на модерни стадиони и инфраструктура, а има и почитување на човековите права, што е многу важно за нас.
За мене, како претседател на ФИФА, нема разлика меѓу Јужна Кореја и Северна Кореја или меѓу Соединетите Американски Држави и Кина. За мене сите тие се подеднакво важни членки на нашата организација“, рече Инфантино.
Одредени светски сили изјавија дека не им се допаѓа Светското првенство да се одржи во Саудиска Арабија, на што Инфантино имаше интересен одговор:
„Тоа се двојните стандарди на Западот и нивното лицемерие. Ним им пречи Саудијците да бидат домаќини на Светското првенство, но не им пречи да прават бизнис со тие земји вредни милијарди долари“.
Саудиска Арабија веќе неколку сезони вложува милиони во клупскиот фудбал и оваа игра станува сè популарна во земјата од Блискиот Исток.