• Мартин Танасковски

Екипата на Вардар го победи Шкупи со најубедливи 6-1 оваа сезона, како увертира за последниот меч во есенскиот дел со Македонија ЃП. Еден од најискусните играчи во тимот, Горан Закариќ, истакна дека триумфот со чаирчани е важен за самодовербата пред гостувањето кај „лавовите“.
„Зад нас оставаме скопско дерби, знаевме што значи да се победи овој дуел. Знаевме дека додека не го отвориме мечот, ќе биде незгодно. Дадовме голови на време, заминавме на пауза со два гола позитива и веднаш на стартот на вториот дел дадовме и трет гол, па си го олеснивме многу мечот. Доста важна победа за тоа што ни следи и мечот со Македонија ЃП. Се надеваме на есенска титула, ние го заслужуваме тоа и ќе дадеме се од себе да освоиме бодови и да одиме расположени на пауза“, изјави Закариќ.
Натпреварот меѓу Македонија ЃП и Вардар се игра во петок од 13:00 часот. Црвено-црните имаат еден бод повеќе од најблискиот следбеник Струга кој во истиот ден гостува кај Тиквеш во Кавадарци, во ист термин.










