Закариќ: Вардар ме испочитува, одбив понуди од странство да останам

Босанскиот интернационалец Горан Закариќ, веќе втора сезона го носи дресот на есенскиот првак Вардар. Во разговор за „MeridianSportBH“ тој откри дека минатото лето бил многу блиску до тоа повторно да се врати во БиХ, но на крајот сепак решил да остане во редовите на македонскиот великан.

Закариќ зад себе има богата кариера, а во својата биографија ги запиша и 11 настапи за репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Во Вардар пристигна во период на промени, а доаѓањето на тренерот Гоце Седлоски, како што самиот истакнува, било пресвртна точка.

„Со доаѓањето на Гоце Седлоски се крена тимот — го освоивме Купот и излеговме во Европа. Игравме две кола квалификации за Конференциската лига и испаднавме од Лозана. Моментално ситуацијата во клубот е добра и полека се враќаме таму каде што Вардар беше пред неколку години. Сакаме титула оваа сезона“, изјави Закариќ.

Вардар моментално се наоѓа на врвот на табелата во Првата лига на Македонија, а босанскиот интернационалец има договор до крајот на сезоната. По пристигнувањето потпиша едногодишен договор, а летово го продолжи на уште една година, иако имал неколку привлечни понуди.

„И минатата сезона го чекав истекот на договорот и имав неколку опции од странство, но и од Босна и Херцеговина. Бев многу блиску до враќање во Железничар, но одлучив да останам овде. Ја одиграв добро минатата сезона, ми ја дадоа и капитенската лента. Ме испочитуваа, па одлучив да продолжам уште една година. Чест и задоволство е да се биде капитен во ваков голем клуб“, нагласи Закариќ.

Фудбалерот е дел од Вардар веќе година и пол, период во кој клубот го освои Купот на Македонија и избори настап на европската сцена. Вистинскиот подем започна во ноември минатата година со ангажманот на Гоце Седлоски, кој успеа да ја стабилизира екипата и повторно да ја врати во борба за трофеи.