• Саше Љолес
Новото засилување на Вардар, Горан Закариќ, даде прва изјава откако пристигна во Скопје, каде се очекува квалитетно да го пополни ростерот на тренерот Горазд Михајлов.
Босанскиот интернационалец настапи на пријателскиот меч против Каменица Саса (0-1), а потоа рече дека е задоволен од приемот и се надева на одлични резултати со најтрофејниот македонски клуб.
„Одлично ме примија во новата средина, тука сум само дваесетина дена, но мислам дека имаме потенцијал за добри резултати. Малку се подготвувавме во Словенија, а потоа трениравме и во Скопје. Денес се соочивме со мотивиран противник кој сакаше да го прикаже најдоброто од себе, но ние сме Вардар и тоа го очекуваме од сите наши ривали.
Задачата не беше лесна, но добро е што победивме. Работиме напорно за уште повеќе да се подобриме и сакаме да го дочекаме почетокот на првенството максимално фокусирани на добар пласман.
Да го вратиме Вардар каде што припаѓа, таа е нашата цел. Вардар ме асоцира на фудбалска величина од нашите простори, каде што се Динамо, Црвена Звезда, Железничар и сите останати“, рече Закариќ.
Вардарци ја започнуваат мисијата во ПМФЛ со гостување кај Брера Струмица на 11 август. „Црвено-црните“ имаат високи амбиции и планови за пласман во горниот дел на табелата.