Закариќ е човек-херој: Вардар со гол во 93. минута до пресврт-победа над Скопје! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Вардар со пресврт го победија Скопје (1-2) во натпреварот од деветтото коло на Првата македонска фудбалска лига. „Црвено-црните“ предводени од Горан Закариќ кој даде два погодоци стигна до трите бода во вториот дел. За „пиратите“ ова беше прв натпревар пред својата публика оваа сезона на стадионот „Железарница“, како и тренерско деби на Иван Варадиновски кој го наследи Муарем Муарем.

  • Головите од натпреварот:

Уште од самиот почеток Вардар тргна поофанзивно, но тоа не му се исплатеше и најтрофејниот македонски тим влезе во поправи. Течеше 16. минута кога со рака играше Михаил Маневски, но во пад по удар на противник кон голот. Судијата Фуркан Идризи прво покажа на белата точка, па сигнализира офсајд. Сепак, доби повик од ВАР собата да ја прегледа ситуацијата, недозволена позиција немаше и одлуката да не покаже на единаесет метри ја донесе Идризи. Набргу потоа Скопје успеа да поведе со голот на Виктор Ангелов. Напаѓачот се најде на вистинската позиција по ниска топка од Али Адем и го матира Давор Талески за 1-0 во 26. минута. 

Имаа „црвено-црните“ шанси преку Омерагиќ со глава, Закариќ од слободен удар, Кастањеда во два наврата и Матиќ со удар од шеснаесетникот. Сепак, сето тоа не доведе до погодок за израмнување и првиот дел заврши со водство на „пиратите“.

На стартот на второто полувреме вардарци се заканија преку Мигел Пиреш кој се најде во шеснаесетникот, ама биеше по средината во рацете на Наумовски. Израмнувањето пристигна во 59. минута со голот на Закариќ. Босанскиот фудбалер го постигна својот шести погодок откако погоди за 1-1. Голот дојде по добра акција и топка која Омерагиќ ја сврте за Пиреш, а Португалецот центрира преку петерецот каде што Закариќ беше осамен и со глава реализира за израмнување. До крајот Вардар продолжи да притиска, меѓутоа изостанаа вистинските шанси за целосен пресврт. Најдобрите можности дојдоа од два слободни удари кои беа на изгледни позиции, меѓутоа ударите на Бабунски и Николов завршија во живиот ѕид. Отпорот на Скопје пукна во третата дополнителна минута од средбата, бидејќи во слична ситуација како претходно на втората статива се најде Закариќ вторпат погоди со глава за 1-2. 

Вардарци се вратија на третата позиција на табелата со 17, смалувајќи ја разликата на лидерот на три бода. Од друга страна Скопје и понатаму е на дното со само три освоени бода по девет рунди.

Прва македонска фудбалска лига - деветто коло
Скопје – Вардар 1-2 (1-0)

Стадион во Железар Скопје, гледачи 800
Главен судија: Фуркан Идризи
Асистенти: Имран Абази, Дарио Јовчевски
ВАР судија: Александар Урошевиќ
Делегат: Славчо Ѓорѓиоски
Стрелци: Ангелов во 26. минута за Скопје, а Закариќ во 60. и 90. минута за Вардар
Жолти картони:
Црвени картони: нема

Скопје: 
Наумовски (к), Мечиновиќ, Божиновски, Цветков, Ангелов, Серафимов, Николовски, Трајчевски, Горџик, Адем, Попоски. 
Тренер: Иван Варадиновски

Вардар: 
Талески, Маневски, Матиќ, Најдовски, Бабунски, Омерагиќ (к), Закариќ, Јанкулов, Кастенада Диего, Данев, Фереира Пирес. 
Тренер: Миодраг Божовиќ

Играч на натпреварот: Горан Закариќ (Вардар)

Во следното десетто коло Вардар гостува во Штип, а Скопје ќе ја пречека Шкендија Тетово.