• Иван Димовски

Фудбалерите на Лацио запишаа победа во „Дерби дела Капитале“, откако со 1-0 (0-0) ја совладаа Рома. Дуелот од 27. коло на Серија А понуди доминантен меч на номиналниот домаќин на „Олимпико“, меѓутоа причината за тоа беше црвениот картон на Роџер Ибањез уште во првиот дел. „Волчицата“ не успеа да издржи со десетмина, па човек на одлука беше Матија Закањи.
- Извештај од натпреварот:
Мечот во престолнината на Италија тргна мирно, без премногу закани пред двата гола. Првата опомена вредна за издвојување дојде по 20 минути игра, кога Фелипе Андерсон ги тестира можностите на Руи Патрисио. Десетина минути подоцна се обиде и Закањи, а потоа следеше клучниот момент. Ибањез излета, па мораше да фаулира за да спречи контра. Судијата Давиде Маса без размислување му покажа втора јавна опомена и патот кон соблекувалната.
Откако првиот дел мина без дополнителни возбудувања, момците на Маурицио Сари по паузата истрчаа решени да дојдат до трите бода. Почнаа да се редат шансите пред голот на Рома, се обидуваа Алберто, Педро и Андерсон, но не успеваа. Единствениот погодок на мечот падна во 65. минута, Фелипе Андерсон го проигра Матија Закањи, а овој со убав удар го матира Патрисио за 1-0.
До крајот на мечот Рома успеа да дојде до гол, меѓутоа истиот не се важеше. Казале погоди во сопствената мрежа по еден корнер, ама постоеше недозволена позиција за време на акцијата и „волчицата“ остана со прази раце. Со оваа победа Лацио скокна на второто место со 52 бода, два повеќе од Интер кој игра вечерва, додека Рома е петта со 47 бода.