Зајков се врати во Бугарија и до крајот на сезоната ќе игра за Славија Софија

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков повторно ќе брани бои на бугарски клуб. Во текот на зимскиот трансфер период ја напушти Бугарија и се пресели во Ворскла од Полтава, но поради војната во Украина беше приморан да бара нова средина.

За неговите услуги имаше заинтересираност од повеќе клубови, но искусниот стопер се реши да продолжи во позната средина и ја прифати понудата на Славија Софија, каде ќе настапува до крајот на сезоната. Оваа вест ја потврди претседателот на бугарскиот клуб, Венци Стефанов.

„Го доведовме Зајков. Тој ќе игра во Славија како позајмен фудбалер до крајот на сезоната“, вели Стефанов. 

Централниот дефанзивец во бугарскиот шампионат настапуваше за Левски Софија, а претходно ги носеше дресовите на Работнички, Рен и Шарлоа.