Зајков: Полтава не е нападната, сите странци чекаат на инструкции!

Македонскиот фудбалер Ѓоко Зајков се наоѓа во Украина каде стартува воен конфликт. Во моментов тој е член на Ворскла Полтава и преку Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека е безбеден, а странците наскоро ќе бидат спроведени дома.

„Градот Полтава каде што се наоѓаме не беше цел на напад. Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците кои сме тука да се организира превоз со мини бус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови. Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови. Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментално работат само маркети и многу мал број на ресторани. Доколку има некои нови информации ќе се обидам да пренесам”, изјави Зајков.

Македонскиот фудбалер пристигна во Ворскла оваа зима од редовите на бугарскиот прволигаш Левски Софија.