Зајков: Дуелот со Бугарија ќе биде посебен, ќе играме за чест и гордост!

Фудбалската репрезентација на Грузија ги искористи своите шанси и повторно извојува победа над Македонија, овој пат во рамки од претпоследното коло од третата сезона во Лигата на нации.

Во Тбилиси нашите избраници не успеаја да го повторат успехот од пред две години и со поразот од 2-0 ги загубија сите шанси за нов плеј-оф за Европско првенство. По натпреварот свое видување на поразот даде дефанзивецот Ѓоко Зајков.

„Прво сакам да им честитам на Грузијците за победата, иако по мене таа беше незаслужена. Доминравме на терен, но противникот ги искористи шансите. Тоа е фудбалот, грешките се составен дел од оваа игра. Штета што ние не ги искористивме нашите шанси.

Сега против Бугарија на терен да истрчаме со подигнати глави. Не верувам дека ќе имаме психолошки пад на тој натпревар. Нашата цел е три бода, иако тие не ни се важни во овој момент. Против Бугарија ќе биде посебен натпревар, ќе играме за чест и гордост и за да ги израдуваме нашите навивачи со нова победа“, рече дефанзивецот.

Во последното коло Македонија пред својата публика ќе ја пречека Бугарија, против која во првото меѓусебно соочување одигра без победник (1-1).