Захов на излезни врати од Шкендија, има понуда од албански Кукс

Македонскиот фудбалски шампион, Шкендија, денес ги започнува подготовките за пролетниот дел од сезоната на ПМФЛ, а многу веројатно во својот ростер ќе го нема првиот голман, Костадин Захов, кој не е повеќе под договор со тетовскиот клуб.

Како што открива албанскиот медиум „Телеспорт“, искусниот чувар на мрежата на маса има сериозна понуда од албанскиот прволигаш Кукс, кој сака да ја искористи можноста и без обештетување да добие квалитетно засилување меѓу стативите. 

Наводно, веќе неколку дена Шкендија и Захов интензивно преговараат за нова соработка, но засега без резултат. Доколку 31-годишниот голман се реши да се пресели во Кукс, за него ќе биде прво интернационално искуство во кариерата. Досега ги носеше дресовите на Вардар, Шкендија, Хоризонт Турново, Беласица и Брегалница.