Захариевски: Новите играчи ни ги зголемуваат апетитите оваа сезона

Фудбалерите на Струга Трим Љум ќе бидат домаќини на новајлијата Победа во првиот меч од новата натпреварувачка сезона во Првата македонска лига.

Срѓан Захариевски, тренерот на тимот покрај езерото, го најави мечот и посака успешен почеток за неговите фудбалери во новата сезона.

„Подготовките помина во најдобар ред. Играчите ги одработија тренинзите максимално, посветено и ангажирано за што впрочем и се платени. Новите играчи полека се вклопуват во системот и задачите што се бараат од нив и таа свежа крв што ни беше неопходна во клубот ни ги зголемува апетитите и се надеваме на подобри резултати од минататa сезона.

Што се однесува до натпреварот против Победа, посакувам новата сезона да ја почнеме со успех, кој ќе ни го отвори патот до остварување на нашите цели“, смета стратегот на стружани.

Овој викенд ќе се играат само три натпревари во ПМФЛ. Два се одложени, а Македонија Ѓорче Петров ќе биде слободна, поради откажувањето на Ренова во последен момент.