Захариевски: Воска на старт сите ја прежалија, имавме успешна сезона

Тренерот на Воска Спорт, Срѓан Захариевски, изрази задоволство од настапот на неговиот тим во финалето од Купот на Македонија и рече дека е горд на своите избраници и покрај поразот од Тиквеш со 2-1. 

Воска Спорт беше за нијанса послаб противник од кавадаречкиот прволигаш, а слична констатација даде и нивниот предводник, кој сепак беше среќен од оствареното сезонава. 

„Одигравме квалитетен меч против исклучително мотивиран ривал. Тиквеш беше за нијанса подобар од нас денес и сосема заслужено се радува на трофејот. Ние успеавме да направиме голем успех, опстанавме во лигата и се пласиравме на седмото место. Заслугата оди кај играчите кои дадоа максимум за остварување на овој резултат. Мислам дека Воска уште на стартот од сезоната сите ја прежалија, но покажавме карактер и цврстина со кои успеавме да го кренеме во височините клубот што постои само четири години“, рече Захариевски. 

Воска Спорт и Тиквеш за првпат во својата историја играа во Куп-финале, а победата на крајот им припадна на Кавадарчани, кои обезбедија и пласман во квалификациите за Конференциската лига.