Захариевски: Против Шкендија одигравме во наш стил, борбено и заслужено победивме

Екипата на Струга Трим Љум остана во игра за европски натпревари следната сезоната, откако на вчерашното тешко гостување кај новиот шампион во ПМФЛ, Шкендија, извојува сигурна победа од 0-2.

Стратегот на амбициозниот клуб од покрај езерото, Срѓан Захариевски, е среќен за победата над фаворизираниот противник, а каде го гледа својот тим на крајот од сезоната вели дека одговор на тоа ќе се добие на 16 мај, кога ќе заврши сезоната.

„Прво, би сакал да ѝ ја честитам титулата на Шкендија. Што се однесува до натпреварот, го одигравме во наш стил, со многу борбен дух, и за разлика од претходниот пат, сега успеавме да извојуваме победа.

Нашата главна цел е да напредуваме во играта, а што ќе се сличи на крај ќе каже табелата на 16 мај“, вели младиот стратег. 

Следен противник на Струга Трим Љум е екипата на Вардар, која е во незавидна ситуација и на овој натпревар мора да извојува победа, доколку сака да остане во игра за опстанок во елитата.