Захариевски: Победата над Работнички дојде со гол кој ретко се гледа на македонските терени

Екипата на Струга Трим Љум скокна на петтата позиција на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) со минималната победа над Работнички за време на викендот.

Тренерот Срѓан Захариевски се израдува на победата, но веднаш по натпреварот ги насочи мислите на следниот предизвик за неговиот тим.

„Одигравме еден добар натпревар во кој победата ја посакувавме од првата минута и дојде на најдобар начин, со гол кој ретко се гледа на нашите фудбалски терени. Но, тоа е веќе зад нас, и сега се фокусираме на натпреварот со Шкендија во Купот“, изјави предводникот на стружани.

Струга Трим Љум заедно со Академија Пандев е во најдобра форма во изминатите пет натпревари од домашното првенство, на кои нема ниту еден пораз.