Захариевски: Нека овој добар дуел биде пресвртница за Вардар

Вардар на гостински терен одигра храбро и освои бод против Гостивар (1-1). Радува играта во второто полувреме на „црвено-црните“ кои покажаа голема агресивност и го ставија ривалот под притисок, па заслужено се изборија за бод.

Новиот тренер Срѓан Захариевски е задоволен од исходот на овој дуел. Вели дека ако се сумираат настаните, нерешеното е реален епилог на стадионот во Маџари, а искрено се надева дека овој резултат ќе биде пресвртница во резултатската ситуација во Вардар.

„Задоволен сум од исходот против Гостивар кој има силен тим. Покажавме голема борба на овој меч и заслужено дојдовме до позитивен резултат. Ме радува играта на Босанчиќ кој постигна одличен гол. Ако сумираме што се случуваше на терен, ремито е реален исход. Се надевам дека ова наше добро издание ќе биде пресвртница за овој Вардар и за периодот кој ни следи“, изјави Захариевски.

Најтрофејниот колектив во среда го очекува меч во Купот на Македонија против Новаци, додека во следното лигашко коло на 22 септември, тимот игра на гости со Тиквеш.