Захариевски: Историски успех на Струга ТЉ, играчите заслужуваат најголеми пофалби

Екипата на Струга Трим Љум забележа историски успех и за првпат во клупската историја е есенски шампион во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Стружани со победата над Академија Пандев и математички како лидери ќе презимат на табелата. Тренерот Срѓан Захариевски вели дека ова е голем успех за клубот, а како најзаслужни за тоа ги посочи своите избраници.

„Голем, историски успех на Струга Трим Љум. Сите во клубот се заслужни за тоа, но секако дека играчите заслужуваат најголеми пофалби. Ретко кој веруваше дека Струга Трим Љум ќе биде на прво место за време на зимската пауза. Затоа успехот е уште поголем.

Натпреварот против Академија Пандев беше многу тежок за нас, бидејќи наидовме на многу квалитетен и мотивиран противник. Го искористивме нашиот момент и стигнавме до посакуваните три бода, кои се многу вредни за овој прв дел од шампионатот. Сега целиот наш фокус е на натпреварот против Скопје следната недела во главниот град, на кој се надеваме дека ќе оствариме позитивен резултат“, рече стратегот на лидерот во ПМФЛ.

Во последното коло од овој дел од сезоната во македонскиот шампионат, Струга Трим Љум ќе се сретне со Скопје.