Захариевски: Бодовите се императив и за двете екипи, сакам триумф на Струга

Струга Трим Љум се уште има шанси за пласман во Европа, но услов за тоа ќе биде Македонија ЃП да киксне во едно од последните две кола, а стружани да дојдат до позитивни резултати. Разликата меѓу двата тима е еден бод, а Срѓан Захариевски, стратегот на Струга Трим Љум, го најави следниот натпревар за тимот од крај езерото против Вардар кој се бори за опстанок.

„Секако дека бодовите се императив и на двете екипи. Вардар за жал за опстанок, а за нас за некоја борба за европска сцена. Се надевам дека ќе биде доста квалитетен натпревар и секако успех за Струга. Уште од почетокот кажав дека ние не стартувавме оваа сезона за да играме во Европа.

Наша цел е да играме се подобро и подобро, да созреваат младите играчи и да изградиме една компактна екипа. Сега ни се отвори шанса, ќе се обидеме да ги добиеме двата натпревари, но секако, тука работите зависат од Македонија Ѓорче Петров затоа што тие имаат еден бод повеќе во однос на нас. По завршувањето на сезоната ќе дадеме резиме, но, сепак, што и да се случи, јас сум задоволен од играчите, па ќе видиме дали ќе бидеме и супер-задоволни“, изјави Захариевски.

Натпреварот меѓу Струга Трим Љум и Вардар се игра на Градскиот стадион во Струга, со почеток од 16:00 часот.