Захариевски: Беше тврдо и борбено, но мислам дека заслуживме триумф

Фудбалерите на Струга Трим Љум како да се предодредија кога ќе победуваат, тоа да го прават со едне постигнат гол и резултат 1-0. Вчера крај езерето падна Ренова, а дефанзивецот Клисман Цаке во првиот дел од натпреварот го постигна единствениот погодок.

Тренерот Срѓан Захариевски, видно среќен за победата по две реми со примен гол во последната секунда, изјави:

„Двете екипи одигравме тврд натпревар, во кој изобилуваше голема борба во текот на сите деведесет минути. Бодовите беа императив за двете екипи, затоа мечот беше многу нервозен, отколку квалитетен, но и такви натпревари е добро кога се добиваат. На крајот мислам дека заслужено победивме и го освоивме целиот плен. Веднаш се насочуваме кон четвртфиналниот натпревар со истиот противник во Купот на Македонија, бидејќи не очекува можеби уште потежок натпревар. Нема многу скриени адути помеѓу нас“.

Стружани одлично чекорат и во Купот на Македонија, па ако в среда го победат истиот ривал од неделата, ќе го повторат ланскиот пласман во полуфиналето.