Загрижувачка вест за Србија: Митровиќ неизвесен за мечот со Бразил!

Фудбалската селекција на Србија по четири години пауза се враќа на големата фудбалска сцена, откако не успеа да се пласира на последното Европско првенство. На ова Светско првенство во Катар „орлите“ ќе бидат во речиси идентична група како во Русија пред четири години. Заедно со Бразил и Швајцарија, а противник ќе ѝ биде уште и Камерун.

Очекувањата кај соседите се големи, но непосредно пред турнирот пристигнаа многу загрижувачки вести. Напаѓачот на Фулам, Александар Митровиќ, кој беше творец на победничкиот гол во Португалија со кој Србија ја грабна визата за Катар, има повреда на стапалото и најверојатно нема да настапи на последниот натпревар на Фулам пред паузата.

Она што многу повеќе ги загрижува Србите е фактот што не знаат во каква состојба Митровиќ ќе замине во Катар. Засега не се знае дали ќе може да заздрави до првиот натпревар против Бразил. 

Напаѓачот на Фулам се повреди на натпреварот помеѓу Србија и Шведска, на кој постигна хет трик, но доживеа тежок удар од Линделоф и неговата повреда значително се влоши во последниот период.