• Горан Упале
Македонскиот фудбалски шампион, Струга Трим Љум, вечерва се враќа на меѓународна сцена и ќе проба да го поправи впечатокот кој што го остави на ланскиот дебитантски настап, кога беше елиминиран уште во првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.
Од таму ќе тргне и оваа сезона, а задачата не можеше да е потешка. Стружани налетаа на великанот Слован Братислава, клуб кој минатата сезона ги мина групите во Конференциската лига на УЕФА. Поради името, но и фудбалерите со кои располага тимот од Словачка важи за фаворит против македонскиот првак.
Струга во подготовките тргна со нов тренер, искусниот Ќатип Османи и доста звучни засилувања. Тимот од крај Охридското eзеро за ова европско лето, но и новата сезона во ПМФЛ се засили со поранешните репрезентативци Стефан Спировски и Кире Ристевски, пристигна талентираното крило Арби Воша, во мак-фудбалот се врати Стефан Јевтовски, а пристигнаа уште Дујмовиќ, Кехинде и Такахара.
Струга има свои амбиции во двомечот против Слован, меѓутоа реалноста е дека е аутсајдер на гостувањето во Братислава. Сепак, може да се очекува гол од македонскиот тим во првиот натпревар против Слован, па реваншот во Охрид да биде уште повозбудлив.