Заборавете на Дрејк: „Клетвата“ Ајакс ги уништи европските тренери!

Раперот Дрејк за многумина беше малер во спортот, затоа што чиј дрес да го облечеше, тој тим губеше. Но, сега се појави нова интересна „клетва“, а се работи за холандскиот тим Ајакс. Се прашувате зошто?

Верувале или не, сите тимови што играа против „копјаниците“ во ЛШ во минатата сезона останаа без тренер. Шест клуба останаа без предводник, во период од нешто околу единаесет месеци.

Во групната фаза Ајакс играше со Баерн Минхен, Бенфика и АЕК, додека во нокаут-рундата противници беа Реал Мадрид, Јувентус и Тотенхем.

Се почна од тимот на Бенфика, кој му врачи отказ на Руи Виторија во јануари. Потоа, на ист потег се одлучи и АЕК Атина, кога во февруари го избрка Маринос Узонидис, а потоа во март настрада Сантијаго Солари од Реал Мадрид.

Во мај судбината го дочека и Масимилиано Алегри од Јувентус, додека месец ноември беше кобен за Нико Ковач од Баерн Минхен, односно Маурисио Покетино од Тотенхем.