• Мартин Танасковски
Македонија има фудбалски феномен кој гази на зелените терени иако влегува во седмата деценија од животот. Се работи за Драгослав Здравков - Ледер кој уште ги нема закачено копачките на клин и се бави активно со фудбал.
Пред неколку години Здравков го носеше дресот на Осогово каде беше капитен, а во последните сезони, така и оваа, иако има 60 години, е дел од третолигашот Слога Виница. Култниот Ледер го прослави својот 60. роденден пред нешто околу два месеци - роден е на 18.07.1964 година во Кочани. На датумот на оваа објава има 60 години, 1 месец и 23 дена.
Здравков беше дел од пријателските натпревари на Слога Виница, а клубот објави и фотографија со најмладите во екипата на пријателски натпревар во Грција. Здравков исто така е регистриран и во лигата за настапи на Слога Виница.
Нема постар фудбалер од него во ПМФЛ, ВМФЛ и во Третата лига, а богами може да е феномен и во светот ако се земе предвид дека како најстар играч го ословуваат Казујоши Миура кој има 56 години.
Драгослав Здравков настапува на позицијата стопер, а играл и како заден играч за врска. Игра од љубов кон фудбалот, парите не играат улога, затоа што е и успешен бизнисмен.
