За само пола сезона влезе во друштво на Руни, Роналдо, Бекам...: Бруно најдобар играч на Јунајтед!

Иако одигра само половина сезона, Бруно Фернандез влезе во одбраното друштво во Манчестер Јунајтед. Португалскиот ас и официјално е избран за најдобар фудбалер на Јунајтед за сезоната 2019/20, која беше чудна по многу нешта.

Со пристигнувањето на „Олд Трафорд“, во јануари оваа година, Бруно веднаш се наметна како лидер на „ѓаволите“, а тимот од тогаш не знае за пораз во Премиер лигата. 

Благодарение на неговите одлични игри, Јунајтед обезбеди четврто место на табелата и ново учество во Лигата на шампионите, па затоа наградата за најдобар фудбалер на сезоната заслужено заврши во неговите раце. 

Португалецот освои 35.5% од гласовите, а на второ место се најде Антони Марсијал со 34%, кој исто така имаше одлична сезона. За најдобар гол е избран оној на Маркус Рашфорд од слободен удар против Челзи, додека Џејмс Гарнер и Ентони Еланга добија признанија за најдобар фудбалер во У23, односно У21 тимот.