За кого се игра фудбалот? Само 4.000 билети во слободна продажба за финалето на ЛШ

УЕФА, како и ФИФА, секогаш инсистираат на тоа дека фудбалот се игра заради навивачите. Сепак, во пракса тие редовно се негираат самите себеси.

Европската фудбалска куќа (УЕФА) објави дека за финалето во Лигата на шампионите, двата клуба на располагање ќе имаат нешто повеќе од половина билети од капацитетот на стадионот во Мадрид, на кој на 1 јуни ќе се бие последната битка за престижниот трофеј.

Стадионот на Атлетико, „Ванда Метрополитано“ брои 63.000 седишта, а двата финалисти ќе добијат по 17.000 билети кои ќе можат да им го поделат на своите фанови. 

Но, она што најмногу ги револтира фановите е податокот дека во слободна продажба ќе бидат пуштени само 4.000 билети, додека 25.500 ќе бидат поделени на организаторите, национални сојузи, спонзорите и носителите на медиумските права. 

Па така, на најголемиот фудбалски настан на година ќе има само 40.000 од оние „за кои се игра фудбалот“.