За да нема „чуда“: Интер, Милан, Аталанта и Рома ќе се борат за ЛШ во исто време

Челниците на италијанската Серија А потврдија дека одредени натпревари од последното коло во калчото ќе се играат во ист термин, за да нема сомнителни случувања кои би влијаеле на поредокот на табелата.

Интер, Милан, Аталанта и Рома се борат за последните две места во Лигата на шампионите, а едногласно е донесена одлука нивните мечеви да се играат во ист термин. Борбата за ЛШ ќе се води в недела, од 20:30 часот.

Интер ќе го пречека Емполи кој се бори за опстанок, Милан гостува кај СПАЛ, Аталанта е домаќин на Сасуоло, додека Рома ќе биде домаќин на веќе спасената Парма.

Според моменталната ситуација на табелата, Аталанта е трета со 66 бода, исто колку што има и четвртопласираниот Интер. Милан е петти со 65 бода, додека Рома е шестопласирана со 63 бода.