ВИДЕО: Вундеркидот со македонско потекло во Црвена Звезда блесна и во Европа!

Фудбалската јавност доби ново име за следење – Василије Костов, 17-годишен талент на Црвена Звезда, кој против Порто во Лигата на Европа го имаше своето прво стартно појавување на европската сцена. Младиот играч на средината на теренот не само што доби доверба од тренерот да започне од првата минута, туку ја искористи шансата на најдобар можен начин.

Во 32. минута од мечот на „Драгао“, Костов стигна до својот деби-гол во европските натпреварувања. По одбиена топка во шеснаесетникот, тој најдобро се снајде и прецизно ја смести топката во мрежата на португалскиот гигант. Со овој погодок Звезда дојде до израмнување, што дополнително ја крена атмосферата и кај соиграчите и кај навивачите. Василије Костов влезе во историјата на Црвена Звезда како најмлад стрелец во европските мечеви – 17 години, четири месеци и 21 ден!

Фактот дека станува збор за играч кој има само 17 години, а веќе се впишува во листата на стрелците во европските купови, го потврдува неговиот голем потенцијал. Од клубот и од стручниот штаб веќе подолго време најавуваат дека Костов е еден од бисерите на младинската школа, а неговото деби на големата сцена само ја зацврсти таа репутација.

Инаку, Василије Костов има потекло од Македонија и поседува македонски пасош. Означен е како следниот „вундеркид“ на Црвена Звезда и се очекува во иднина да направи голем трансфер. Играчот беше во Скопје, настапи на хуманитарниот меч против Вардар.

Во минатото ФФМ имаше желба да го донесе Костов во нашиот национален тим, меѓутоа, до такво нешто не дојде затоа што Србите веднаш реагираа. Се уште мега-талентот на Црвена Звезда нема сениорски настап за „орлите“, играше само за младите селекции, но шансите да заигра за Македонија еден ден, барем според моменталниот расплет на настаните, се мали.