Вукас: Ќе беше поинаку ако Академија Пандев преземеше поголем ризик

Зрињски Мостар со едната нога е веќе во наредната фаза од квалификациите на Лигата на Европа поради триумфот кај Академија Пандев (0-3), а овој податок го радува тренерот на тимот од БиХ, Хари Вукас.

По натпреварот, тој истакна дека победата навидум изгледала лесна, но потенцира дека ако домаќинот преземеше поголем ризик, ситуацијата на теренот ќе беше различна.

„Би сакал да им честитам на моите фудбалери за резултатот. За нас ова е голем плус, со оглед на распоредот на кој следи и почетокот на првенството. Победивме екипа која е квалитетна. Академија Пандев ни направи многу проблеми. Што се однесува до мечот, го контролиравме во првото полувреме, ги користевме шансите и сигурно ќе беше поинаку ако домаќинот презедеше повеќе ризик. Кога ќе го погледнам вкупно целиот натпревар, заслужено победивме. Дадовме гол во право време, тоа го отвори мечот и дојдовме до голем резултат“, изјави Вукас.

За Зрињски ова беше прва победа во вториот натпревар во Скопје. Претходно, босанскиот тим играше против Работнички, во 2007 година, но доживеа пораз (1-2). Реваншот во 1. коло од Лига Европа се игра за седум дена.