Вукас: Академија Пандев има резултати за респект, играат допадлив фудбал

Босански Зрињски Мостар ќе биде екипата против која Академија Пандев ќе го стартува својот европски пат. Првиот натпревар се игра во Скопје, а тренерот Хари Вукас вели дека гледа со максимален респект кон ривалот.

Вукас на прес-конференцијата истакна дека е среќен што е во Скопје, а за резултатите на „пандевци“ не треба многу да се зборува, затоа што тие говорат за успешноста на тимот сами по себе.

„Драго ни е што сме во овој спортски град, со традиција, во кој условите се се подобри и стадионот е преубав. Го респектираме тимот на Академија Пандев, тоа го покажуваат нивните резултати и сериозноста. Третото место и трофејот во Купот се секако резултати за респект и сигурно е дека нема да ја потцениме екипата. Ги знаеме нашите предности и цели, се ни е подредено, треба само тоа да го исполниме“, изјави Вукас.

Предводникот на Зрињски истакна дека сака реваншот да го дочека непоразен, затоа што тоа би бил поволен резултат за тимот.

„Секој позитивен резултат на ова гостување е добар за нас. Секако дека ќе направиме се да останеме непоразени со оглед на распоредот кој го имаме пред другиот натпревар. Состојбата на теренот ќе одлучи каков ќе биде резултатот. Секој позитивен резултат за нас ќе биде плус“, додаде тој.

Вукас направи и анализа на Академија Пандев, тим за кој вели дека игра допадлив фудбал и дека компактноста е силната страна на екипата од Струмица.

„Се работи за компактна екипа која сака да игра фудбал. Не се работи за екипа која оди на агресија, туку е тим што знае што сака. Знаат добро да се постават на теренот, имаат опасни играчи, меѓу нив и млади репрезентативци, како Дориев, Пандев... Се работи за искусен тим кој има квалитет. Нивниот најголем плус е компактноста и заедништвото во играта“, заврши тренерот.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Зрињски Мостар се игра в четврток од 19:00 часот, а билетите се веќе пуштени во продажба и чинат 100 денари.