• Мартин Танасковски

Фудбалската репрезентација на Англија до 20 години оствари голем успех за фудбалот на Островот, откако во финалето на Светското првенство (СП) со 1-0 (1-0) ја совлада репрезентацијата на Венецуела и се искачи на светскиот фудбалски трон.
Младите надежи на „гордиот албион“ до титулата дојдоа за прв пат во својата историја, а историскиот гол го постигна Доминик Калверт-Левин кој успеа да стрела во 35. минута.
Исто така, херој е и голманот Фредерик Вудмен, затоа што имаше неколку одлични интервенции, а најзначајна беше онаа во 74. минута кога го одбрани ударот на Пенаранда од белата точка.
Англичаните досега на СП за фудбалери до 20 години имаа едно трето место (1993) и едно четврто место (1981). „Гордиот албион“ ѝ го зема тронот на Србија која во 2015 во финалето го совлада Бразил.
Третото место на СП У20 го освои Италија која по изведување на пенали со 4-1 славеше над Уругвај (0-0 регуларен дел).