Вучиќ: Динамо игра „лига без грижи“, нема шанси против Црвена Звезда!

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го „пецна“ хрватскиот гигант Динамо Загреб и изјави дека драго му е што успешниот период на Здравко Мамиќ полека изминува. 

Вучиќ беше гостин во една ТВ-емисија и даде провокативни коментари во однос на „модрите“ од Загреб. Тој воедно го изрази и своето задоволство што Црвена Звезда е во моментов регионален лидер во фудбалот и се надева на успешен настап во Лигата на шампионите. 

„Јас и Мамиќ сме се сретнале двапати. Никогаш не сум разговарал долго со него, но знам каков успех направи и тоа мора да го почитувате. Не ми беше драго, но Динамо беше во височините. Сега Звезда е регионален лидер и драго ми е што успешниот период на Мамиќ полека изминува. 

Не знам дали во иднина ќе има меч помеѓу двата клуба. Звезда сега игра во елитата, можеби доколку испадне во Лига Европа, но Динамо не е ни таму, туку во Конференциската лига. Тие сега играат лига во која немаат грижи за пласманот понатаму. Мислам дека Црвена Звезда во моментов е многу посилна од Динамо“, изјави Вучиќ. 

Динамо Загреб има одиграно само три натпревари против српски екипи од осамостојувањето на поранешните југословенски републики. Сите три меча беа против белградски Партизан, од кои еден не го доживеа својот крај поради упад на навивачите и масовни тепачки на трибините. Сезонава Црвена Звезда настапува во Лигата на шампионите, додека Динамо Загреб учествува во Конференциската лига на УЕФА.