ВИДЕО: Втор пораз во Лига Европа - Вардар „се излеа“ во Трондхајм

Македонскиот фудбалски првак Вардар го доживеа и вториот пораз во Лигата на Европа, на вториот натпревар. На првото гостување, тимот на Јаневски беше надигран од Розенборг и загуби со 1-3 (0-1), во дебитантската сезона во еврокуповите.

Вардарци играа доста уплашено, тешко креираа шанси, а недостасуваа и брзите додавања, препознатливи оваа сезона за „црвено-црните“. Покрај од Розенборг, Вардар загуби и од Зенит оваа сезона, а во наредното коло игра против третиот ривал во групата Реал Сосиедад каде ќе ги бара првите бодови. Вардар успеа да дојде и до историја на овој меч, со првиот гол во Лига Европа, кој беше дело на Хуан Фелипе пред финишот.

Најтрофејниот македонски колектив тргна офанзивно во првите неколку минути и тоа беше се што покажа. Само Дејан Блажевски имаше сериозна шанса во првиот дел за Вардар, кога во 3. минута од мечот испрати вистински проектил од далечина кој заврши во стативата, а исто така, по една комбинирана акција, шут кон голот на Хансен испрати и Бобан Николов, но истиот заврши на трибините.

Розенборг почна да игра брза игра и да креира шанси, а се заканија Скјелвик и Конрадсен, но нивните обиди завршија неуспешно. Првиот погодок на мечот падна во 25 минута, кога Муслиу направи пенал врз Бенднер, а данскиот голгетер го реализира, за предност на Розенборг.

На полувреме домаќинот замина со еден гол предност, а на стартот на второто полувреме вардарци имаа иницијатива, но шутевите на македонскиот тим завршуваа во корнер. Во 56. минута од мечот следеше и втор гол за Розенборг, преку Конрадсен, кој погоди на одличен начин од далечина.

Десетина минути подоцна, погоди и Хеденштад, кој го даде деби-голот во дресот на Розенборг, по атрактивна асистенција на Никлас Бендтнер. Вардар до финишот имаше шанса да даде почесен гол преку нововлезениот Бесир Исени, но сепак, дефанзивец на Розенборг расчисти од самата гол-линија.

Кога сите помислија дека е готово, погодок во мрежата на Розенборг постигна Хуан Фелипе, на атрактивен начин и со златни букви се запиша во вардаровата историја како прв фудбалер кој успеал да погоди во „црвено-црниот“ дрес во Лига Европа.

Наредното коло во Лига Европа, трето оваа сезона, се игра за три недели, кога во Скопје на „Филип Втори“ Арената гостува шпанскиот фудбалски гигант Реал Сосиедад.