• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Ливерпул не успеаја да ја оправдаат фаворитската улога и одиграа само 1-1 против Барнли на „Енфилд“, во рамки на 22. коло од англиската Премиер лига.
Ова беше четврто последователно реми за „црвените“ во првенството, и тоа против претпоследната екипа на табелата, што дополнително го зголеми незадоволството кај навивачите и го отвори прашањето за формата на тимот на Арне Слот. До победата не се дојде иако Ливерпул имаше преку 30 шута кон голот на ривалот.
Ливерпул имаше идеална можност рано да го отвори резултатот, но Доминик Собослаи во 32. минута не реализираше пенал. Сепак, домашниот тим не се обесхрабри и десет минути подоцна дојде до водство, кога Флоријан Вирц прецизно погоди по убавата асистенција на Кертис Џонс. Во второто полувреме Барнли заигра поофанзивно и таквиот пристап беше награден во 65. минута. Маркус Едвардс успеа да го совлада Алисон Бекер со удар во блискиот агол, израмнувајќи на 1-1.
Во финишот Ливерпул тргна во целосна офанзива во потрага по победничкиот погодок. Шанси имаа Коди Гакпо и Уго Екитике, но голманот на гостите Мартин Дубравка беше одличен и со неколку сигурни интервенции му донесе вреден бод на својот тим. По ова реми, Ливерпул останува на четвртата позиција на табелата со 36 освоени бодови, додека Барнли е 19-ти со 14 поени и продолжува да ја чека првата победа во лигата веќе речиси три месеци.
На останатите натпревари во Премиер лигата, Челзи го победи пред својата публика Брентфорд со 2-0. Лидс Јунајтед исто така со 1-0 беше подобар од Фулам, додека три бода освои и Сандерленд против Кристал Палас (2-1). Вест Хем забележа многу важен триумф во соочувањето со Тотенхем (2-1).

