Време е за „збогум“: Славниот Брозовиќ се повлекува од хрватската репрезентација

Хрватскиот репрезентативец и долгододишен член на „коцкестите“, Марсело Брозовиќ, на социјалните мрежи соопшти дека официјално се збогува со дресот во националниот тим и се заблагодари на сите за огромната поддршка низ годините. 

Фудбалерот на Ал-Наср со емотивно соопштение се збогуваше од хрватската репрезентација и рече дека за него била огромна чест да настапува за својата земја, која успеа да се избори за два медали од Светските првенства во 2018 и 2022 година. 

„Ме познавате доволно и знаете дека не сум човек од многу зборови, па затоа за ова проштално писмо доволна е само една бројка - 99. Тоа е бројот на настапи за хрватската репрзентација, број со кој заминувам во интернационална пензија. 

Секогаш го давав мојот максимум за родната земја, играв со многу труд, енергија, снага и страст. Тоа е стандард кој го поставија големи имиња пред мене и стандард кон кој се стремевме со оваа незаборавна генерација. Овој стандард мора да остане таков и за идните поколенија. 

Бескрајно сум благодарен за сите прекрасни моменти и неизмерно сум горд на сите успеси што ги остваривме. Оваа генерација долго ќе се памети и за овие фудбалери долго ќе се раскажуваат убави приказни“, напиша Брозовиќ. 

Многумина се прашуваат зошто Брозовиќ се одлучил да се повлече пред да го оствари својот стоти настап за репрезентацијата, но фудбалерот објасни дека токму оваа бројка го прави неговото повлекување „епско и легендарно“.  

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.