• Иван Димовски

Чекањето заврши, конечно се враќаат возбудуватата во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите. Манчестер Сити ќе го брани трофејот од минатата сезона, откако во финалето во Истанбул го совлада Интер (1-0). Сепак, и во новата четата на Пеп Гвардиола влегува како главен претендент за тронот, со предност пред Баерн, Реал Мадрид, Арсенал...
<<< - ПОВРЗАНО - Што велат квотите: Кој ќе ја освои Лигата на шампионите?
Сепак, за битката за трофејот е многу рано, па сега најважни се возбудувањата во групната фаза. Завесата се крева со натпревари од конкуренциите Е, Ф, Г и Х.
Група А
Еден од главните фаворити за трофејот, Баерн Минхен, доби веројатно група по мерка. Очекувано е да се има еден голем ривал, во нивниот случај тоа е Манчестер Јунајтед (против кого ја отвораат групната фаза), а екипата на Тен Хаг е во мала криза. Нема сомнеж дека нивниот двомеч ќе привлече многу внимание, меѓутоа ако нема изненадувања баварците ќе го решат во своја корист. Освен нив, во трката за третото место (сонуваат и за второто) е Галатасарај. Турците сериозно се засилија летово и имаат добри адути, а однапред прежален е Копенхаген кој некогаш знае да е незгоден ривал.
Група Б
Англискиот вицепрвак, Арсенал имаше и малку среќа при извлекувањето. Микел Артета нема да дозволи опуштање, ама објективно неговиот тим е голем фаворит во конкуренцијата со Севиља, ПСВ и Ленс. „Специјалистот“ за Лигата на Европа има свои замисли и цели да дојде до нокаут рундата и покрај лошиот старт. Во криза е и француски Ленс, додека ПСВ нема што да загуби и ќе оди да се докажува.
Група Ц
Уште една група во која се знае „кој е кој“. Најтрофејниот Реал Мадрид го гледа само врвот, игра на врвно ниво и влева страв во коски за сите ривали, па дури и оние од првиот европски ешалон. Наполи и Ељиф Елмас важат за втор фаворит во групата. Против „кралевите“ е тешко да излезат на крај, ама се очекува преку дебитантот Унион Берлин и повратникот во елитата Брага да изборат второ место и нова нокаут фаза. Елмас ќе биде единствениот македонски репрезент во групите.
<<< - ПОВРЗАНО - Од Савевски и Седло, до Пандев и Елмас: Шеснаесетте Македонци во елитата
Група Д
Откако лани тесно го загубија финалето во Истанбул, фудбалерите на Интер водени од Симоне Инзаги сега изгледаат „страшно“. Иако одиграа само четири натпревари во Италија, „нераѕурите“ се прв фаворит на домашно тло, а со сигурност ќе имаат амбиции и во Европа. Добија група каква што можеа да посакуваат. Наместо како во некои претходни изданија, сега Интер ќе игра со Бенфика, Реал Сосиедад и Салцбург. Интересна ќе биде трката за втората позиција, бидејќи веројатно првата е веќе „резервирана“.
Група Е
Атлетико Мадрид и Лацио важат за фаворити во Е конкуренцијата. Колку и да изгледа тоа чудно за група во Лигата на шампионите (со голема почит до овие два клуба), избраниците на Симеоне и Сари се очекува да се борат за врвот. Покрај нив, во нокаут трката се надеваат дека ќе се вклучат Селтик и Феенорд, ама објективно гледано нивната битка веројатно ќе биде за Лигата на Европа.
Група Ф
„Групата на смртта“ или најконкурентната (барем на хартија) ќе биде конкуренцијата Ф. Среќата посака во иста група да се паднат ланскиот полуфиналист Милан, францускиот првак ПСЖ, германскиот вицепрвак Борусија Дортмунд и сериозно стабилизираниот Њукасл. Тешко е да се зборува за фаворити во оваа група, сите тимови играа со осцилации, меѓутоа имаат огромен потенцијал. Веројатно тоа е и убавината на Лигата на шампионите, бидејќи може да склопи ваква конкуренција од четири тима, а само два ќе одат понатаму...
Група Г
Веројатно попозната како „групата на европскиот првак“, бидејќи Манчестер Сити со леснотија тука може до „шест од шест“. Секако, РБ Лајпциг е сериозен ривал и може да се спротивстави, ама реално гледано четата на Пеп е супериорна. Токму Германците се втор потенцијален патник во осминафиналето, додека на Црвена Звезда и Јанг Бојс, ако нема сензации им останува битката за место во второто по ранг европско натпреварување.
Група Х
Среќа во ждрепката имаше и Барселона, која е прв фаворит во групата Х. Каталонците против себе ќе ги имаат Порто, Шахтјор и дебитантот Антверпен. Тешко е да се замисли дека избраниците на Чави Хернандез ќе дозволат некој да го заземе нивното место на врвот, а трката за втората позиција се очекува да се води меѓу Португалците и Украинците. Сензационалниот белгиски првак иако доби релативно лесна група (ако се согледаат другите потенцијални ривали), веројатно е без шанси.
Групната фаза стартува денес, а ќе трае до 13 декември. Потоа, стандардно во февруари и март се играат осминафиналните пресметки, април е резервиран за четвртфинале, мај за полуфинале и мечот за трофејот е закажан за 1 јуни на „Вембли“ во Лондон.