Време е за Куп-финале: Двојна радост во Ѓорче, или деби-трофеј во Струмица?

Екипите на Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев се подготвени за претстојното финале од Купот на Македонија, вкупно 27. во нашата историја.

Двата тима си ги остварија посакуваните цели во првенството - „лавовите“ обезбедија опстанок, додека Академија Пандев веќе има место во Европа и сигурно е третото место на табелата. Сега, следи меч во Купот, каде Македонија ЃП е „поискусна“, ако се земе предвид дека за тимот ова е трето финале.

Во досегашните две финалиња, Македонија ЃП има еден трофеј, во сезоната 2005/06, кога славеа над Шкендија со златен погодок на Филип Ивановски. Купот носи двоен мотив за „лавовите“, затоа што покрај трофеј, носи и место во квалификациите за Лига Европа.

Доколку Академија Пандев го зграби својот прв трофеј и успее да слави во финалето, тогаш четвртото место во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе носи во Европа, а за него ќе се бие жестока битка од страна на четири тима во последното коло.

Финалето од Купот на Македонија се игра на Арената „Тоше Проески“ од 18:30 часот, а билетите се пуштени во продажба и чинат 100 денари.