Врба: Ќе биде тешко во реваншот, Интер е еден од најдобрите клубови во Европа

Екипата на Лудогорец издржа само едно полувреме против Интер и во вториот со два гола го загуби дуелот (0-2) во првиот меч од воведната нокаут рундата во Лигата на Европа. 

Тренерот на бугарската екипа, Павел Врба иако беше разочаран, сепак имаше пофални зборови за тимот од Милано. 

„Штета е што резултатот не беше во наша полза, но морам да признаам дека Интер е еден од најдорите тимови во Европа. Ќе биде тешко на „Сан Сиро“, дури потешко од денес, но ние ќе се обидеме.

Разочаран сум што не го одигравме целиот натпревар како што сакавме. Со резултат 0-0 вториот натпревар ќе беше поинтересен. Одбраната и голманот беа одлични, но не ги искористивме шансите, бидејќи Интер ги покажа силните страни“, истакна Павел Врба. 

Вчерешната средба ја решија Кристијан Ериксен и Ромелу Лукаку, а реваншот во Милано се игра следниот четврток со почеток од 21:00 часот.