Враќањето на Модриќ во својот Реал Мадрид е сѐ поизвесно!

Лука Модриќ би можел повторно да се врати во Реал Мадрид по завршувањето на играчката кариера. Според неколку италијански и шпански медиуми, хрватскиот фудбалер веќе разговарал со претседателот Флорентино Перез за можноста да добие нова функција на „Сантијаго Бернабеу“.

Иако Модриќ сè уште не го кажал последниот збор на теренот, наводно веќе се разгледува неговата иднина по пензионирањето. Според италијанските медиуми, идејата е тој повторно да стане дел од клубот во кој помина 13 години и со кој освои бројни трофеи.

„Реал Мадрид е мојот дом, клубот на мојот живот. Таму поминав 13 години“, изјавил Модриќ, јасно ставајќи до знаење колку му значи мадридскиот гигант.

Хрватскиот ас претходно истакна дека би сакал еден ден да се врати во Мадрид, но не само симболично, туку со конкретна улога во клубот. Неговото искуство и долгогодишната поврзаност со Реал би можеле да бидат значајни во некоја од функциите во клупската структура.

Модриќ остави длабока трага во историјата на Реал, со кој освои голем број трофеи, а во 2018 година ја доби и „Златната топка“, прекинувајќи ја децениската доминација на Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Засега нема официјална потврда за договор или за конкретната функција што би можел да ја добие. Сепак, доколку најавите се остварат, соработката меѓу Модриќ и Реал би можела да продолжи и по завршувањето на неговата блескава играчка кариера.