• Мартин Танасковски

Чилеанската фудбалска федерација (АНФП) му одобри специјално изземање на голманот на Зеленортските Острови, Возиња, кој на дресот на Коло-Коло ќе може да го носи својот препознатлив прекар, наместо официјалното име.
Според правилата на чилеанското првенство, фудбалерите мора да настапуваат со своето службено презиме или име на дресот, а прекарите не се дозволени. Сепак, Коло-Коло успеа да добие посебна дозвола, па 40-годишниот голман ќе продолжи да настапува под името по кое стана познат во светот.
„Тоа е името што го користам целиот свој живот. На Зеленортските Острови има големо значење и богата историја, а сега е препознатливо низ целиот свет. Да беше денес жива мојата баба, ќе беше многу горда. Сакам да го носам до крајот на кариерата како спомен на неа“, изјави Возиња.
Искусниот чувар на мрежата оваа недела потпиша шестмесечен договор со најтрофејниот чилеански клуб, по одличните настапи на Светското првенство. Со репрезентацијата на Зеленортските Острови тој испиша историја, откако на дебитантскиот настап на Мундијалот ја сочува мрежата против подоцнежниот светски шампион Шпанија и помогна неговата селекција за првпат да освои бодови и да обезбеди пласман во нокаут-фазата.
Возиња беше избран и во идеалниот тим на Светското првенство, а неговата популарност експлодираше, при што бројот на следбеници на Инстаграм му порасна од околу 50.000 на речиси 30 милиони.
Пред трансферот во Коло-Коло, Возиња настапуваше за клубови од Словачка, Ангола, Молдавија, Кипар и Португалија, а преминот во чилеанскиот гигант го опиша како врв на својата клупска кариера.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.

