Воска Спорт е втора во ВМФЛ, но тренерот Цицмиловиќ поднесе оставка!

Екипата на Воска Спорт има добра сезона во Втората лига - Запад, но тренерот Раде Цицмиловиќ поради засега непознати причини одлучи да си поднесе оставка.

Воска е дебитант во второлигашкото друштво и се наоѓа на второто место. Но, Цицмиловиќ реши да си поднесе оставка и да си замине, иако неговиот тим игра според планот и ги има сите услови за функционирање.

„Кога се договорив со Воска Спорт тие официјално беа третолигаши и многумина ми замерија на мојата одлука - зошто Воска? Но, цврсто верував во овој проект и моите способности. За четири месеци направивме доста добри работи, сите што се во фудбалот знаат дека тим се прави за две-три години, а ние тоа го направивме во четири месеци.

Воска го играше најубавиот фудбал и е на чекор до првото место. Сакам да му се заблагодарам на газдатан а клубот Нефи Усеини за одличната соработка која ја имавме во изминатиот период, на директорот Артан Болова, целата управа, на секретарот, економот, стручниот штаб, играчите кои се најзаслужни за сите резултати. Им посакувам на сите среќа и влез во ПМФЛ, а јас си поднесувам оставка“, истакна Цицмиловиќ.

Цицмиловиќ пристигна во Воска Спорт пред стартот на сезоната и на осум меча забележа шест победи и два порази.