Воска со соопштение: Хулигани на Гостивар го нападнаа нашето раководство!

Фудбалскиот натпревар од Втората македонска фудбалска лига - ВМФЛ, меѓу Гостивар и Воска Спорт заврши со нерешени 2-2. Дербито на рундата во второлигашката конкуренција донесе и скандал на трибините. 

Според соопштението кое го изнесе екипата од Охрид, домашните навивачи ги нападнале челните лица на Воска Спорт. Во просторот крај теренот во Мала Речица дојде до близок контакт на една група навивачи од спротивни табор, а според информациите нападнати биле раководни лица на охридскиот клуб кој се огласи со соопштение. 

„СКАНДАЛ.

Хулигани на Гостивар го нападнаа раководството на Воска Спорт. Во рамките на петтото коло Воска му гостуваше на Гостивар, екипа која исто така е претендент за титулата. Имајќи ја в предвид важноста на оваа средба, Воска беше максимално подготвена за мечот со Гостивар чии челници заедно со дел од нивните навивачи хулигани покажаа многу ниска спортска култура. 

Се чини дека голот кој го даде Ардит Демири воопшто не им се допадна на челниците на Гостивар, кои само за да го заплашат нашиот тим и да победат, наместо да ја покажат силата на теренот, тоа го направија надвор од него, напаѓајќи го раководството на Воска Спорт. Ова е скандалозен чин на челниците на Гостивар кој има европски амбиции. За жал, денешниот случај го покажува спротивното, бидејќи клуб кој сака во иднина да игра во Европа, за резултати треба да се бори на зелениот терен, а не преку покажување „мускули“, бидејќи и на тој начин не ја постигнаа целта. 

Фудбал се игра на зелениот терен драги гостиварчани, или пак вие што стоите позади овој клуб. На трибини местото им е на вистинските љубители на фудбалот, а не на хулигани кои ги плаќате да ве подржуваат на фудбалски натпревари, оти вие вредноста на еден сериозен тим, или пак претендент за влез во Прва лига, го загубивте уште од пред неколку недели, кога бевте нападнати од вашите сопствени фанови преку социјалните мрежи“, стои во соопштението. 

  • Видео од случувањата крај теренот:

Тензии имаше и на теренот меѓу дел од играчите, ама далеку поблаги од случувањата на трибините.