ВИДЕО: Воска пак кобна за Шкупи, фаворитот падна во Охрид!

Фудбалерите на Воска Спорт приредија изненадување и славеа на домашниот меч со фаворитот Шкупи (3-1) во рамките на вонредното 12. коло на Првата македонска фудбалска лига. И во првата средба на овие две екипи сезонава фаворитот не успеа да победи, а тогаш резултатот беше 3-3, а сега Воска успеа и да победи.

Стартот на пресметката во Охрид му припадна на гостинот. Шкупи беше екипата која повеќе ја имаше топката и сакаше да креира, ама „удри“ во добро поставена дефанзивна линија. Сепак, прв до гол дојде домаќинот Воска Спорт. Долга топка испрати бекот Китановски, лоша проценка во скокот имаше Ел Хаџи Геј кој ја промаши топката, а таа заврши кај Абдулхади Јахја. Најдобриот фудбалер на Воска сезонава добро се снајде, го исфрли од игра и Блажевски, па погоди со висок удар за 1-0 во 32. минута. 

Примениот гол како да ги разбуди „чаирчани“ кои потоа се наметнаа уште повеќе и почнаа да притискаат. До полувремето имаа неколку полушанси и опасни уфрлени топки, меѓутоа мрежите до паузата мируваа. Продолжи Шкупи со иницијативата и во вториот дел. Голема закана имаше во 54. минута по еден корнер. Нафрлената топка од прва на втора статива ја префрли Пинтер, а таму младиот Нуман Ајетовиќ требаше „да се поклони“ и да ја смести во мрежата, но со глава биеше крај стативата. Успеаја гостите да дојдат до израмнувачки погодок во 56. минута преку Фабрис Тамба. Центаршут од десната страна упати Кадриу, највисок во скокот беше Аворнио кој со глава биеше, топката се одби од дефанзивец и на неа налета Тамба кој ја смести во мрежата за 1-1.

Не беше домашната екипа целосно инфериорна, имаше шанса за пак да поведе со удар од далечина на Џемиљ Јахији, но истиот заврши над пречката на гостите. Воска Спорт успеа пак да дојде до предност во 80. минута од средбата. Одлично двојно проигрување одиграа Јахији и Ларсон, капитенот излета сам пред голот и откосо го матира Денковски за 2-1. Во судиското продолжение доби домаќинот и пенал, а сигурен од 11 метри беше резервистот Вуковиќ кој го постави конечниот резултат.

Со оваа победа Воска скокна на десеттата позиција на табелата со исто толку бода. Од друга страна Шкупи е на средината со 16.