ВИДЕО: Воска ја изненади Брегалница и ќе игра историско полуфинале

Екипата на Воска Спорт оствари голем успех и се пласира во полуфиналето од Купот на Македонија, откако на дождливото време и влажниот терен успеа да слави со минимални 0-1 (0-0) на гостувањето кај штипска Брегалница. ​

Домашните фудбалери во првото полувреме имаа многу повеќе од играта и навистина е чудно како не успеаја да дојдат барем до минимална предност. Брегалница имаше силен налет по голот на Воска Спорт, но охриѓани успеаја некако да ги запрат нападите и на полувремето резултатот остана 0-0.

Второто полувреме донесе слична слика на теренот. Брегалница одново делуваше помотивирано и често играше високо на противничката половина, но се чини дека клучниот момент се случи кога голманот на домашните, Кире Новаков, заработи директен црвен картон. Воска имаше еден контра напад, Новаков истрча од својот шеснаесетник и направи прекршок врз противничкиот напаѓач, по што судијата Александар Ставрев му го покажа патот кон соблекувалната. 

Воска доби мотив повеќе и веднаш започна со силни напади по домашниот гол. Се играше 69. минута, кога Ален Јашаровски одлично „закачи“ една топка и со глава од десетина метри успеа да ја затресе мрежата. Охриѓани поведоа со 0-1 и во тие моменти беа во одличен моментум. Во последните десетина минути Воска Спорт ја држеше повеќе топката кај себе и кружеше околу шеснаесетникот на Брегалница, но се чинеше дека гостите сакаат повеќе да го приведат мечот кон крајот, отколку посилно да нападнат. 

Домаќините и покрај тоа што беа со играч помалку, се обидоа во два наврата посериозно да се заканат, но изостана завршницата на акциите, а Воска Спорт умешно го приведе натпреварот кон важна победа и историски пласман во полуфиналето од Купот на Македонија. Дебитантот во елитниот македонски фудбал ќе има шанса да обезбеди учество во големото финале, што секако дека ќе претставува огромен успех за охридскиот тим. 

Место меѓу четирите најдобри екипи обезбедија уште Тиквеш и Македонија Ѓорче Петров, а натпреварот Работнички - Шкупи е одложен заради натопен терен.